Историја во Њујорк: Сабаленка урна рекордот на големиот Новак Ѓоковиќ!

Белоруската тенисерка, Арина Сабаленка, се пласира во финалето на гренслем-турнирот Ју-Ес Опен во Њујорк, со што постави нов апсолутен рекорд во историјата на „белиот спорт“.

Таа стигна до своето осмо финале по ред на најголемите турнири кои се играат на тврда подлога, надминувајќи го досегашниот рекорд од седум финалиња кој го држеше Новак Ѓоковиќ, а кој претходно го делеа и Штефи Граф и Мартина Хингис. Сабаленка во финалето ќе се соочи со Елена Рибакина, во обид да ја освои својата петта гренслем-титула во кариерата.

Иако споредбите помеѓу машката и женската конкуренција секогаш треба да се земаат со одредена резерва, достигнувањето на Сабаленка претставува единствен подвиг кој досега не е виден ниту на АТП, ниту на ВТА турот. Нејзината неверојатна серија започна на Австралија Опен, каде што го освојуваше трофејот во 2023 и 2024 година, додека во 2025 и 2026 година беше поразена во финалните мечеви. На Ју-Ес Опен, пак, по поразот во финалето во 2023 година, таа врза две титули по ред (2024 и 2025 година), за сега повторно да се најде во позиција да се бори за престижниот пехар во Њујорк.

Претходниот рекорд беше во сопственост на српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, кој во периодот од 2010 до 2013 година забележа седум последователни пласмани во финалињата на првиот и последниот грен слем во сезоната. Ѓоковиќ својата серија ја градеше преку епски пресметки, играјќи ги сите седум финалиња против своите најголеми ривали, Рафаел Надал и Енди Мареј. Пред него, идентичен учинок имаа остварено само германската легенда Штефи Граф (во периодот од 1987 до 1990 година) и Мартина Хингис (од 1997 до 2000 година).