Проблеми за Швајцарците пред дуелите со Македонија - еден напаѓач се откажа поради селекторот

Фудбалерот на Лидс, Ноа Окафор, одлучи да не настапува повеќе за репрезентацијата на Швајцарија додека на селекторската функција е Мурат Јакин.

Окафор, кој играше и на Светското првенство, ја соопшти својата одлука по, како што наведе, нарушувањето на довербата меѓу него и стручниот штаб. Швајцарскиот напаѓач потенцираше дека неговата одлука не е поврзана со минутажата, туку со начинот на кој бил третиран.

„Мојата одлука нема никаква врска со минутажата. Се случија работи кои длабоко ме повредија. Довербата е нарушена, а некои ветувања не беа исполнети“, порача Окафор.

Фудбалерот истакна дека долго време верувал оти ситуацијата ќе се промени, а пред Светското првенство имал позитивен разговор со Јакин, поради што во репрезентацијата отпатувал со добри очекувања. Сепак, по случувањата за време на Мундијалот и начинот на кој биле третирани неговите грешки, Окафор по подолго размислување решил да се повлече од националниот тим додека Јакин е селектор.

Окафор за репрезентацијата на Швајцарија дебитираше во 2019 година, а досега запиша 26 настапи. Беше дел од тимот и на Светското првенство во 2022 година и Европското првенство во 2024 година.

Македонија и Швајцарија ќе се сретнат двапати во период од десет дена на крајот на септември и почетокот на октомври, во рамките на новото издание на Лигата на нации.