Еден од најдобрите центри во историјата на НБА ќе игра во Европа

Еден од најдобрите центри во историјата на НБА, Двајт Хауард одлучи Грузија да биде следната станица на неговиот необичен кошаркарски пат.

Овој 40-годишник од Џорџија соопшти дека од октомври ќе го носи дресот на Блек Фортерс од Тбилиси.

„Грузијо, пристигнувам! Не во мојот роден град Атланта, туку во Тбилиси! Ги видов вашите знамиња во коментарите на мојата последна објава и решив дека тоа ќе биде мојата следна дестинација. Да, навистина одлучувам врз основа на тоа кој навистина ме сака, вие ми помогнавте во тоа. Супермен официјално е на пат, едвај чекам да го запалиме паркетот“, порача НБА шампионот од 2020 година.

Хауард е осумкратен Ол-стар, петкратен член на идеалната петорка и трипати последователно (2009–2011) најдобар дефанзивец во најсилната лига во светот. Пет пати беше лидер на сезоната во скокови, а двапати во блокади. Во 2008 година го освои и натпреварувањето во забивање, но поради преголемото потпирање на своите монструозни атлетски способности, релативно рано следеше неговиот пад.

Во НБА осум години помина во Орландо, а на највисоко ниво играше уште во Лејкерс и Хјустон во двете наредни сезони. По својата 28-ма година никогаш повеќе не се врати на некогашното ниво, но сепак во најсилната кошаркарска лига настапуваше и за: Атланта, Шарлот, Вашингтон и Филаделфија.