Каков пропуст: Манчестер јунајтед пред десет години го одбил Мбапе!
Гигс тогаш работеше во стручниот штаб на Луј ван Гал, а информацијата за талентираниот Французин ја добил на целосно неочекуван начин, за време на одмор на југот на Франција.
„Шетав по плажата кон хотелот и одеднаш ми пријде човек по име Лионел, кој ми кажа дека го следи младинскиот фудбал и дека задолжително морам да погледнам еден фудбалер на Монако по име Килијан Мбапе“, се присетил Велшанецот во подкастот на Рио Фердинанд.
Неколку недели подоцна, Гигс добил порака со сите детали за младиот фудбалер, по што заедно со колегата Алберто Стуивенберг ги анализирале неговите настапи.
„Погледнавме неколку младински натпревари на Монако и реакцијата беше: ‘Леле, што е ова?’“, истакнал Гигс, нагласувајќи дека Мбапе уште тогаш изгледал како исклучително посебен талент. Воодушевените тренери веднаш ги проследиле информациите до скаут службата на „црвените ѓаволи“.
Ryan Giggs reveals Man Utd REJECTED chance to sign Kylian Mbappe in one of the most costly mistakes ever
— The Sun Football ⚽ (@TheSunFootball) September 9, 2026
https://t.co/2ODxldyPrK
Скаутите на клубот од „Олд Трафорд“ потоа отпатувале во Париз за во живо да го следат младиот напаѓач на натпревар против ПСЖ. Сепак, стручњаците задолжени за проценка на талентите воопшто не биле импресионирани од она што го виделе на теренот.
„Ги прашав како поминало, а тие ми одговорија дека не се премногу сигурни во него, па се откажавме и тоа беше тоа“, додал Гигс, зборувајќи за големиот пропуст на Манчестер Јунајтед.
Набрзо потоа, Мбапе направи вистинска сензација со Монако, ја освои Светската титула со Франција, а денес, како еден од најдобрите фудбалери во светот, го носи дресот на Реал Мадрид.