Хајдук денеска гостува во село со 500 жители кое има стадион вреден – 7 милиони евра!
Овој историски натпревар за домаќините привлекува огромно внимание во регионот Барања, особено поради фактот што натпреварот ќе се одигра во истоименото село кое брои само 504 жители. И покрај малата популација, Вардарац може да се пофали со извонредна спортска инфраструктура. Натпреварот ќе се одигра на новата „В арена“, која има капацитет од нешто повеќе од 500 покриени седишта и претставува дел од модерен спортски комплекс вреден 7,3 милиони евра. Овој спортски центар располага со најсовремени услови, вклучувајќи ВАР-соба, простории за допинг контрола, медиумски центар и инфраструктура која ги задоволува стандардите за одигрување натпревари на младинските национални селекции на Хрватска.
Екипата на Хајдук пристигнува во источна Хрватска веднаш по убедливата победа на гостувањето кај Рудеш (4-0) во рамките на шестото коло од домашното првенство. Поради згуснатиот распоред и фактот што помеѓу двата натпревари изминуваат помалку од 48 часа, тренерот на сплиќани, Гонзало Гарсија, најави значителни ротации во почетниот состав. Очекувањата се дека шанса ќе добијат играчите со помала минутажа досега, како Лука Ходак, Роко Габриќ и Данте Стипица, а се најавува и дебитантски настап за дваесетгодишниот нигериски напаѓач Питер Немека Угвуодо.
Домашниот тим, кој е основан во 1952 година, пласманот во оваа фаза од Купот го обезбеди по победата над петтолигашот Лижњан (3-1). Моментално Вардарац бележи солидни настапи во Третата национална лига – Исток, каде по три одиграни кола се наоѓа на четвртата позиција со седум освоени бодови. За денешниот фудбалски празник во селото, организаторот одреди цена на билетите од 20 евра за седење и 10 евра за стоење, а поради ограничениот простор, навивачите се советуваат да користат алтернативен превоз или да паркираат во споредните улици, бидејќи официјалниот паркинг нема да биде обезбеден.
И додека во Хрватска и најмалите села имаат модерни спортски комплекси, во Македонија, на пример, половина од средбите се играат на еден стадион - тренинг центарот на ФФМ како што беше случај во последната прволигашка рунда.