Баерн се подготвува за живот без Французинот: Олисе пред заминување од Минхен

Баерн Минхен повеќе не дава категорични гаранции дека Мајкл Олисе ќе остане во клубот и по следното лето, со што повторно се отвораат шпекулациите за иднината на францускиот репрезентативец.

Извршниот директор на баварскиот гигант, Јан-Кристијан Дризен порача дека во моментов нема причина да се зборува за заминување на Олисе, но истовремено не сака да гарантира дека крилниот напаѓач ќе остане во Минхен и по летото 2027 година. 

„Не можам да гарантирам дека Олисе ќе биде тука по следното лето. За тоа ќе разговараме во 2027 година“, порача Дризен.

Оваа изјава доаѓа во момент кога Олисе е еден од најважните фудбалери на Баерн. Французинот пристигна во Минхен во 2024 година од Кристал Палас и со одличните настапи брзо се наметна како еден од лидерите на тимот. Неговиот договор со германскиот шампион е до јуни 2029 година. Интересот за Олисе во последниот период е огромен, а меѓу клубовите кои се поврзуваат со негов трансфер е и Реал Мадрид. Сепак, Дризен откри дека Баерн во текот на последниот преоден рок не добил официјална понуда за својот фудбалер.

„Немавме понуда за Олисе. Тоа не беше тема во текот на летото“, посочи директорот на Баерн.

Сепак, во Минхен се свесни дека одличните игри на 24-годишниот Французин неизбежно ќе привлечат внимание од најголемите европски клубови. Дризен посебно го истакна квалитетот на Олисе и неговата важност за екипата. Олисе во Баерн пристигна за околу 55 милиони евра, а во меѓувреме неговата вредност значително порасна. По одличните настапи за клубот и француската репрезентација, тој денес се смета за еден од најатрактивните фудбалери на европскиот пазар.