Голманот кој доби отказ поради Ратко Младиќ се сели во Звезда

Младиот голман Вељко Вучетиќ кој неодамна беше отпуштен од Академијата на Сараево по објавата на неговиот татко за Ратко Младиќ, би требало да замине на проба во Црвена звезда, пишува „Моцартспорт“.

Според информациите на српскиот портал, Вучетиќ веќе во наредните денови би требало да пристигне во Белград и да им се приклучи на младинските категории на српскиот шампион. Таму ќе помине пробен период, по што ќе биде донесена одлука дали ќе остане во клубот.

Во текстот се наведува дека интересот на Црвена звезда не се појавил по неговото заминување од Сараево. Скаутите на белградскиот клуб и претходно го имале Вучетиќ во својата база и добивале позитивни информации за него, а последните случувања само го забрзале неговото доаѓање.

Неговиот престој во Сараево заврши откако неговиот татко на социјалните мрежи објави фотографија од Ратко Младиќ со порака: „Ти благодарам за сè, генерале“.

По реакциите во Босна и Херцеговина, Сараево ја прекина соработката со младиот голман.