Арбелоа пред нова шут-карта, поранешниот клуб може да му пресуди
Фулам двапати имаше предност на „Крејвен Котиџ“, но ниту тоа не беше доволно за првата првенствена победа под водство на Арбелоа. Џош Кинг го отвори резултатот, а потоа Сезар Паласиос повторно го доведе домашниот тим во водство. Сепак, Кристал Палас направи пресврт и со голот на Бен Чилвел во завршницата стигна до трите бода.
По последниот свиреж, незадоволството на домашните навивачи беше очигледно. Од трибините за првпат сезонава се слушнаа свирежи упатени кон тимот, додека Фулам по три натпревари има нула бодови и седум примени голови. Ситуацијата е уште понепријатна ако се погледне распоредот. Следен противник на Фулам е Ливерпул на „Енфилд“, а потоа на „Крејвен Котиџ“ гостува Манчестер Јунајтед. Арбелоа признава дека пред неговиот тим е исклучително тежок период, но верува дека овие натпревари нема да ја одредат целата сезона.
Сега следува исклучително тежок тест на „Енфилд“. Доколку Фулам не успее да го прекине црниот првенствен старт, притисокот врз Арбелоа и неговиот тим дополнително ќе се зголеми, а не е исклучено Ливерпул, каде помина добар дел од играчката кариера, да му пресуди. Ако се случи тоа, шпанскиот стручњак за четири месеци двапати ќе биде избркан откако во мај годинава доби шут-карта и од Реал иако имаше договор до јуни 2027 година.
За Арбелоа ова е прва работа во Премиер-лигата, а почетокот е далеку од идеалниот. Единствената победа на Фулам досега сезонава дојде во Лига купот против Вимблдон, додека во првенството тимот е без бодови и се наоѓа во зоната за испаѓање.