Димитриевски во обид да го запре пеколниот напад на Барселона
Тимот на Карлос Корберан освои само еден бод во првите три кола и се наоѓа во опасната зона на табелата, додека незадоволството кај навивачите дополнително се зголеми поради незадоволувачкиот преоден рок. Поради тоа, пред и за време на натпреварот се најавени и протести на трибините на „Местаља“.
По лошото издание и поразот од Депортиво Ла Коруња во минатото коло, Валенсија ќе се обиде да се врати на победнички пат, но противникот не можеше да биде потежок. Барселона има максимален ефект на стартот од сезоната, со три победи од исто толку натпревари, и со голема самодоверба пристигнува во Валенсија. „Каталонците“ сакаат да ја продолжат победничката серија и да го задржат врвот на табелата, а во прилог им оди и традицијата на култниот стадион каде што славеа на четири од последните шест првенствени гостувања.
Сепак, Валенсија има убави спомени од последниот меѓусебен дуел. Во мај годинава „лилјаците“ ја совладаа Барселона со 3:1 и ја прекинаа серијата од 11 натпревари без победа против каталонскиот гигант. Тој меч немаше никакво резултатско значење бидејќи беше од последното коло на Ла Лига при што Барса претходно ја обезбеди шампионската титула, но сепак беше убаво искуство за некогашниот првак на Шпанија. И на тој меч и денеска, на голот на Валенсија ќе биде македонскиот репрезентативец Столе Димитриевски кој ќе се обиде да го запре пеколниот напад на Барса што во првите три кола од новата сезона постигна 12 гола.
Во центарот на вниманието ќе биде и Рафиња, кој е на чекор до мал јубилеј. Бразилецот има постигнато седум гола во последните четири натпревари и му недостига само уште еден погодок за да стигне до бројката од 50 голови во Ла Лига. Дополнителна опасност за домашната одбрана претставува Фермин Лопез, кој игра одлично против Валенсија. Младиот фудбалер има постигнато пет гола на три првенствени средби против овој ривал и стрелал на секој од нив, вклучувајќи и два натпревари во кои постигнал по два гола.
Се очекува денеска првпат во стартната постава да се најде најдобриот фудбалер од последното Светско првенство, Родри кој на претходните три меча влегуваше во игра во второто полувреме.