Најстариот син на Перо Антиќ со 19 години почна да работи како – тренер!

Лука Антиќ, најстариот син на тројниот евролигашки шампион Перо Антиќ, реши да стави крај на кусата играчка кариера и да продолжи во кошаркарскиот спорт како тренер, откако беше промовиран како дел од стручниот тим на скопската екипа ИБА.

Тој изминативе години настапуваше во речиси сите младински категории, во кои беше и репрезентативец, а имаше и сениорско искуство во тимови како Феникс и Вардар. Лука, сепак, реши уште на 19-годишна возраст да се посвети на тренерската професија, каде што ќе си го побара местото под кошаркарското сонце.

Ова и не е некој посебен преседан за тренери на толку млада возраст, а во светот постојат многу примери на врвни стратези кои почнале со слични години како Антиќ јуниор. На пример Игор Кокошков со само 20 години почнал да работи како тренер во ОКК Београд, а Жељко Обрадовиќ со 24 години, додека уште играл, бил тренер на подмладокот на Партизан. Тука некаде е и шпанскиот тренерски хит, Педро Мартинез, кој годинава ѝ донесе историска титула на Валенсија, а кој кариерата ја почнал со само 21 година во младинскиот погон на Хувентуд.

Лука Антиќ во ИБА ќе почне да работи со најмалата категорија, а ќе биде помошник во екипата за играчи до 16 години.