КК Маџари го смени името - ќе се вика како шампионот ама без МЗТ и Аеродром!

На неполн месец пред почетокот на новата сезона во Суперлигата, се случи голема сензација во која главната улога ја има актуелниот вицешампион на Македонија, Маџари.

Клуб со такво име повеќе нема да постои откако колективот од Гази Баба денеска објави промена, па во новата сезона ќе влезе под називот Скопје 2023. Одлуката е објавена на социјалните мрежи каде клубот ги повика фановите од Гази Баба да му дадат поддршка, вклучувајќи ја и навивачката група на Фудбалскиот клуб Скопје..

„КК Маџари се ребрендира во КК СКОПЈЕ – име кое носи препознатливост, традиција и амбиција, но пред сè, име кое го обединува духот на нашиот град и спортската енергија на Општина Гази Баба.

Ова не е само промена на името.

Ова е нов чекор во градењето на една уште поголема и попрепознатлива спортска приказна.

Гази Баба отсекогаш била место каде што се создаваат спортисти, каде што се живее за спортот и каде што младите го учат најважното – дека со работа, посветеност и тимски дух, границите не постојат“, пишува, меѓу другото, во соопштението.

Маџари, односно Скопје, пред два месеца објави дека се сели од својот дом во истоимената скопска населба и како домаќин во Суперлигата и АБА 2 ќе настапува во „Јане Сандански“. Интересно е тоа што во иднина ќе има исто име како шампионот на Македонија со тоа што аеродромци во називот го имаат и својот поранешен спонзор.