Првокласна сензација: Тиквеш како гостин ја растури Шкендија (ФОТО)
И овој меч тетовци како гости го одиграа како домаќини во комплексот на ФФМ во Скопје, но за разлика од претходните натпревари, беа тотално надиграни и заслужено совладани. Изненадувањето беше најавено уште во 19. минута, но дури и кога Тиквеш водеше со 1-0, малкумина веруваа дека бодовите ќе заминат за Кавадарци.

Стрелец на сите три гола за кавадаречкиот тим беше Сила, еден од најдобрите играчи во македонското првенство оваа сезона и со седум гола во моментов прв стрелец. Гвинеецот го отвори резултатот во 19. минута, се очекуваше одговор од Шкендија, но до крајот на првото полувреме не дојде, а во 60. минута веќе беше 2-0 за гостинскиот тим. Тетовци најавија драматичен финиш откако преку Ислами намалија во 68. минута, но Сила се погрижи за убедлива победа на Тиквеш четири минути подоцна. Во финишот Шкендија играше со фудбалер помалку поради исклучувањето на Ислами, па со 10 фудбалери во поле не успеа повторно да се врати во игра.

Во финишот Лусианињо можеше да ја дотолчи Шкендија откако излезе сам пред противничкиот голман, но не успеа да го совлада.

И покрај поразот Шкендија ќе остане убедливо на првото место на табелата, а шанса да ѝ се доближи ќе има Струга која в понеделник го пречекува Силекс. Тиквеш од денеска е најефикасен тим во лигата со 15 гола и привремено се искачи на втората позиција на табелата, како најпријатно изненадување во досегашните шест кола.
