Антиќ: Жалам што во АБА1 нема македонски клубови, парите се проблем

По повод 25-годишнината од АБА лигата, на бизнис-форумот во Љубљана свое обраќање имаше и Перо Антиќ кој своевремено играше во ова натпреварување.

Во своето обраќање, Антиќ истакна дека жали што во најсилното друштво во регионалното натпреварување годинава нема македонска екипа. 

„Би ѝ посакал уште 25 години. Јас почнав да ја играм додека лигата сè уште беше млада, а се гледа и по квалитетот и по организацијата дека од година во година е сè подобра. Сигурен сум дека така ќе продолжи. Единствено ми е жал што во моментов нема македонска екипа. Финансиите се главниот проблем. Не е поентата само да учествуваш, туку да можеш да се бориш и да се надеваш дека ќе освоиш нешто. Да бидеш топовско месо, да одиграш една година и да испаднеш, за мене е апсурд“, рече Перо Антиќ.

Иако како кошаркар Антиќ зад себе има голема кариера во која дојде и до НБА паркетите, сепак, никогаш не ја освои АБА лигата.

„Единствено ми е жал што не ја освоив АБА лигата. Ја освоив Евролигата и играв во НБА, но АБА-лигата ми избега во 2018 година против Будуќност. Тоа е единственото нешто што ми недостига. Беше чест да се игра во ова натпреварување, особено кога ќе се сетам какви сè играчи беа тогаш тука. Немаше толку пари, игравме навистина за своите клубови, со срце и душа“, додека поранешниот македонски кошаркар.

Ќе потсетиме кога во прашање е АБА2, таму Македонија има три претставници и тоа: МЗТ, ТФТ и дебитантот Маџари.