Летниот преоден рок тукушто заврши, а Ливерпул го договори првото јануарско засилување

Ливерпул не чекаше да започне јануарскиот преоден рок за да го направи првиот трансфер. Англискиот гигант, според информациите од англиските медиуми, веќе постигнал договор за ангажман на еден од најталентираните млади француски напаѓачи.

Станува збор за 18-годишниот Жилиен Нгесан од Сент Етјен, кој во јануари треба официјално да стане нов член на Ливерпул.

Трансферот, според досегашните информации, ќе изнесува околу 4,3 милиони фунти, а интересен детал е што Нгесан на „Енфилд“ ќе пристигне во текот на зимскиот преоден рок, а не на крајот од сезоната. Францускиот напаѓач неодамна потпиша нов договор со Сент Етјен, по што беше испратен на позајмица во Брест. Сепак, тоа нема да го спречи договорениот трансфер во Ливерпул во јануари.

Сега останува да се види каква ќе биде неговата улога по пристигнувањето во Англија. Една од опциите е Ливерпул веднаш да го приклучи кон првиот тим, додека друга можност е Нгесан да остане на позајмица до крајот на сезоната. Младиот Французин веќе привлече сериозно внимание со настапите за младинските селекции на својата земја. За Франција, во различни возрасни категории, постигнал 25 голови на 25 натпревари, додека за селекцијата до 19 години на Сент Етјен постигнал осум гола на 13 настапи.

Во сениорскиот фудбал сè уште нема големо искуство. За првиот тим на Сент Етјен забележал 13 настапи и постигнал еден гол. Неговиот стил на игра и физичките карактеристики веќе предизвикаа споредби со напаѓачот на Ливерпул, Уго Екитике.