Шок од Аргентина: Навивачи, дрога и перење пари – полицијата му тропна на врата на Кун Агуеро!

Аргентинските правосудни органи дојдоа до серија пресретнати разговори и документи кои наводно го поврзуваат поранешниот фудбалер Серхио „Кун“ Агуеро со меѓународна мрежа за трговија со дрога.

Според информациите од истрагата, криминалната група планирала да го искористи глобалниот имиџ на Агуеро за легализација на незаконски стекнатите средства. Во центарот на скандалот е Пабло „Беботе“ Алварез, контроверзен водач на навивачите на клубот Индепендиенте, кој минатата недела беше уапсен под обвинение дека предводел организација за шверц на кокаин од Боливија и синтетички дроги од Шпанија.

Како главен механизам за перење на парите од дрога и продажба на билети за натпревари од пониските лиги требало да послужи компанијата „Кру Тикетс“, која го носи името на познатата е-спорт организација на Агуеро, „КРУ“. Во списите на судијата Пабло Јадарола откриени се пораки од Диего Анзалоне, еден од водачите на групата, во кои тој тврди: „За 15 дена потпишуваме со Кун“. Пронајдени се и сценарија за рекламни спотови кои фудбалерот требало да ги сними, како и разговори за финализирање на зделката во Мексико.

Во шемата наводно е вклучен и Лусијано Накис, близок соработник на претседателот на Фудбалскиот сојуз на Аргентина (АФА) и кандидат за претседател на Индепендиенте. Дополнително компромитирачки е фактот што осомничениот Алварез бил деловен партнер во фирма поврзана со семејството Накис. Претставниците на поранешниот напаѓач на Манчестер Сити и Барселона потврдија дека добиле деловни понуди од споменатите лица. Сепак, тие категорично тврдат дека по направените проверки за потеклото на парите, сите понуди биле одбиени и секој контакт бил прекинат.

И покрај демантот од таборот на Агуеро, судските списи содржат гласовни пораки, преписки и технички податоци кои сугерираат дека преговорите биле во многу понапредна фаза. Истрагата продолжува, а се очекува да бидат сослушани сите лица инволвирани во ланецот „Кру Тикетс“.