Два меча - повеќе од девет часа: Зверев пак мораше да игра пет сета
Германецот на стартот на турнирот водеше голема битка со Италијанецот Лоренцо Сонего. По четири часа и 53 минути игра, Зверев успеа да слави со 3-2 (6-4, 3-6, 6-7, 7-5, 6-4).
Уште потежок предизвик следуваше во второто коло, каде што се соочи со Французинот Квентен Алис. И овојпат Зверев мораше да оди до самиот крај, а мечот траеше четири часа и 33 минути. Кога ќе се соберат двете средби, Зверев на теренот поминал вкупно девет часа и 26 минути – неверојатна бројка за само две кола на еден Гренд слем турнир.
Против Алис повторно имаше големи осцилации. Зверев имаше можност да го заврши мечот порано, но Французинот се врати во игра и го одведе дуелот во петти сет. Таму првиот носител конечно го скрши отпорот на противникот и обезбеди пласман во третото коло. Мечот заврши дури во 2:15 часот по полноќ по локално време, што дополнително го отежна физичкиот предизвик за германскиот тенисер.
Зверев сега ќе има нешто повеќе време за одмор пред следниот меч, но во продолжението од турнирот ќе мора да покаже дали може да го издржи огромниот физички напор. Во третото коло го очекува дуел со 25. носител Алехандро Табило. Германецот во Њујорк пристигна со високи амбиции, но патот кон завршницата засега е далеку од лесен.