По 16 години, Стефан Ристовски се враќа во Вардар?
Наводно, искусниот фудбалер е пред враќање во „црвено-црниот“ дрес, откако е постигнат договор тој повторно да биде дел од клубот од Скопје.
Ристовски своите први фудбалски чекори ги направи во Вардар, а потоа како млад фудбалер замина во странство и изгради богата интернационална кариера. Во првиот тим дебитираше на само 16 години со што е еден од најмладите кои го облекле дресот на најтрофејниот македонски клуб, а на 18 замина во Парма. Пет години помина во Италија, главно на позајмици, во 2015 се пресели во Ријека, а по две сезони замина во славниот португалски прволигаш Спортинг Лисабон. Најславните денови ги помина во Динамо за кого играше четири сезони и во тој период освои исто толку шампионски титули во хрватското првенство.
По 16 години минати надвор од Македонија, Ристовски сега е пред големо враќање во домашниот фудбал и тоа во својот матичен клуб. Во моментов, тој е без ангажман откако на крајот од минатата сезона спогодбено го раскина договорот со Сараево, а неговото искуство би требало да претставува значајно засилување за Вардар, кој во него ќе добие фудбалер со големо искуство од настапите во европскиот фудбал.