УЕФА воведува револуционерна новост во ЛШ, дел од дресот на дебитантите ќе вреди милиони!

Европската куќа на фудбалот се одлучила да воведе една новина за фудбалерите кои ќе дебитираат во најелитното клупско натпреварување, Лигата на шампионите.

Имено, УЕФА потпишала нов повеќегодишен договор со компанијата „Фанатикс“ и се очекува овој потег да донесе милионски суми на пазарот на колекционерски предмети.

Според информациите на новинарот Дејвид Орнштајн од „Атлетик“, УЕФА и американскиот гигант за спортска опрема и колекционерски предмети „Фанатикс“, сопственик на познатиот бренд „Топс“, ја продолжиле соработката за уште шест години, односно до 2033 година.

Главната и најинтересна новина што ја носи договорот е таканаречениот „Дебитантски беџ“. Имено, сите фудбалери кои од оваа сезона ќе го запишат својот прв, историски настап во елитното европско клупско натпреварување на својот дрес ќе носат специјален беџ.

По завршувањето на натпреварот, беџот внимателно ќе биде отстранет од дресот и ќе биде вграден во уникатна колекционерска картичка на „Топс“ од серијата „1-of-1“, која фудбалерот лично ќе ја потпише. Овој иновативен концепт веќе постои и е исклучително популарен во американските спортови, особено во НБА лигата, каде што ваквите картички со беџ од дебитантскиот натпревар се продаваат за неверојатни суми.

Колку е профитабилен овој пазар најдобро покажува податокот дека се очекува една таква НБА картичка со „дебитантски беџ“ уште следната недела на аукција да достигне неверојатна цена од пет милиони долари.

Замислете само колку во иднина би можела да вреди уникатна картичка со вистински, носен дел од дресот на некое ново фудбалско „чудо од дете“ од неговиот прв натпревар во Лигата на шампионите.

Овој потег претставува јасна стратегија на УЕФА и „Фанатикс“ за искористување на брзорастечкиот пазар на спортски сувенири, додека навивачите и најбогатите колекционери во светот ќе добијат можност во своја сопственост да имаат дел од фудбалската историја.