Лудо: Тинејџер преку „Снепчет“ организирал киднапирање на Мбапе?!

Осумнаесетгодишен затвореник во Франција е обвинет дека од својата затворска ќелија организирал и планирал киднапирања на богати и познати личности, а меѓу неговите главни мети бил и славниот фудбалер Килијан Мбапе, објави француски весник „Ле Паризиен“.

Според наводите на француските медиуми, тинејџерот идентификуван како Клеман Л., против кого е отворена судска постапка, ја користел социјалната мрежа „Снепчет “под псевдонимот „Лестер З“ за да им издава наредби на своите соработници кои биле на слобода.

Неговите застрашувачки криминални планови биле откриени откако во затворската ќелија му биле пронајдени и одземени два мобилни телефони. При проверката на уредите, истражителите дошле до шокантно откритие.

Тие пронашле список со имиња и домашни адреси на 26 богати лица кои, наводно, планирал да ги киднапира со цел да изнудува пари. Меѓу потенцијалните жртви биле богат трговец со месо на големо и познат часовничар, но најголемо внимание кај полицијата предизвикал фактот што на списокот се наоѓала и адресата на ѕвездата на Реал Мадрид и капитен на француската репрезентација, Килијан Мбапе.

Случајот предизвика голема вознемиреност во Франција и повторно ги отвори сериозните прашања за безбедноста и контролата во затворскиот систем, со оглед на тоа што младиот затвореник непречено поседувал мобилни телефони и од својата ќелија подготвувал планови за тешки кривични дела.

Фото: Real Madrid C.F.