„Веднаш се вљубив во Аеродром, во МЗТ дојдов да освојувам трофеи!“

Американскиот кошаркар Лесли Ворнер, едно од главните засилувања на МЗТ Скопје за новата сезона, не го крие задоволството од првите денови поминати во клубот и главниот град.

Во своето прво опширно интервју за клупскиот веб-сајт, новото крило на „сино-белите“ отворено зборуваше за адаптацијата, очекувањата и сопствената улога во составот.

„Ми се допаѓа тимот, атмосферата, градот е одличен, а храната е супер. Досега навистина уживам во сè што нуди Аеродром. Мислам дека го најдов својот дом надвор од дома. Не знаев премногу пред да дојдам. Минатата година играв во Грција, па знаев за Македонија бидејќи бев во соседство, но немав детални информации. Сигурен сум дека сега ќе научам многу повеќе за средината во која ќе бидам во следниот период“, изјави Ворнер.

Фокусот на Американецот и неговите соиграчи во моментов е насочен кон уигрување на екипата и градење шампионски менталитет, откако тимот конечно комплетно тренира по враќањето на репрезентативците.

„Очекувам да се здружиме и да изградиме одлична тимска хемија, особено сега кога заминуваме на кратки подготовки надвор од Скопје. Мојата единствена желба се победи и шампионски титули. Екипата е одлична, сите се согласуваме и размислуваме исто — сите сакаме само победи и се надевам дека тоа брзо ќе го покажеме на теренот. Чекавме да ни се приклучат и репрезентативците за да влеземе во целосен ритам. Сега е сѐ како што треба.“

Запрашан за својот кошаркарски профил и што навивачите на аеродромци можат да очекуваат од него во новата сезона, Ворнер истакна дека може да одговори на повеќе задачи на двата краја од теренот:

„Можам да направам од сè по малку. Мојата задача е да поентирам, затоа сум донесен овде, но и одбраната е една од моите силни страни. Можам да чувам играчи на повеќе позиции. Соработката со стручниот штаб е одлична од првиот ден, навистина уживам во работата со нив. Верувам дека на крајот заедно ќе се радуваме и ќе си честитаме на направеното сезонава.“

Актуелниот шампион подготовките ги продолжува со мини-камп во Гевгелија, каде што в недела ќе го одигра и првиот контролен натпревар против екипата на Кожув.