Големи промени во Италија: ВАР речиси и да го немаше!

Промената во судиската политика во италијанската Серија А донесе значително повеќе ефективна игра, но и многу помалку интервенции на ВАР технологијата.

Просечното траење на играта во првото коло се зголемило на 58 минути и 17 секунди, во споредба со 54 минути и 20 секунди минатата сезона, а тренерите ја поздравија оваа промена, забележливо е и дека фудбалерите помалку време поминуваат на теренот по направени прекршоци.

Сепак, клучното прашање се однесува на ВАР собата, бидејќи во речиси две комплетни кола судиите ниту еднаш не биле повикани да ја прегледаат снимката покрај теренот. Минатата сезона во првото коло исто така немаше повици за проверка, додека во второто коло беа забележани три, пишува „Газета дело Спорт“.

Ваквиот пристап е резултат на новите насоки кои доаѓаат од УЕФА, а на темата зборуваше и претставникот на европската фудбалска куќа и легендарниот поранешен судија Роберто Росети.

„Ова е фудбал, а не Плејстејшн“, истакна Росети.

Шефот на италијанските судии Даниеле Орсато и техничкиот директор Доменико Месина потврдија дека целосно се посветени на новиот правец. Целта е побрза игра со помалку прекини и поголем авторитет на главниот судија.

Интересно е што минатата сезона ВАР беше критикуван поради преголемиот број интервенции, додека сега се поставува прашањето за неговиот изостанок, но се очекува со текот на времето ќе се пронајде вистинската рамнотежа.