Претседателот на Лил грми по ремито со ПСЖ: Ова е скандал!

Лил испушти неверојатна победа против ПСЖ, откако актуелниот француски шампион со два гола во финишот успеа да се врати од 0-2 и да освои бод со реми 2-2.

Домашниот тим имаше предност од два гола до самиот финиш. Хакон Харалдсон погоди во 21. минута, а Дилан Баква во 84. зголеми на 2-0, па изгледаше дека Лил е на чекор до голема победа над шампионот.

Но, ПСЖ не се предаде. Витиња во 91. минута го намали резултатот на 2-1, а потоа следуваше целосен шок за домашните. Маркињос во 95. минута со глава го постигна голот за 2-2. Токму продолжението на натпреварот предизвика жестоки реакции во таборот на Лил. Судијата Ерик Вателиер првично покажа три минути продолжение, но натпреварот продолжи и по истекот на тие три минути, а израмнувачкиот гол падна во 95. минута.

Претседателот на Лил, Оливие Летанг, не можеше да го сокрие бесот. Според француските медиуми, тој по натпреварот бесно минувал низ ходниците на стадионот и повторувал:

„Ова е скандал!“

Од Лил сметаат дека дополнителното време одиграло клучна улога во исходот, иако правилата дозволуваат судијата да го продолжи натпреварот доколку има прекини и во самото продолжение. По голот на Витиња имаше време потрошено на прославата, а дополнително имаше и прекин поради ситуација со голманот на Лил.

Така, Лил остана без сензационална победа, додека ПСЖ продолжи со уште еден драматичен резултат на стартот од сезоната. Францускиот шампион по две кола има две нерешени средби, додека Лил е со четири бода.