Се вжештува ситуацијата - Сити влегува во трката за потписот на Алварез

Иднината на Хулијан Алварез повторно е една од главните теми на трансфер-пазарот. Напаѓачот на Атлетико Мадрид има јасна желба – да се пресели во Барселона, но неговиот клуб во моментов не сака ниту да слушне за трансфер во директен ривал од Ла Лига.

Барселона веќе испрати понуда од околу 100 милиони евра, но Атлетико ја одби и јавно стави до знаење дека не планира да го продаде Аргентинецот на каталонскиот гигант. Алварез, пак, наводно не е заинтересиран за враќање во Премиер-лигата, иако интересот не му недостасува. Во изминатиот период како сериозен кандидат се споменуваше Арсенал, а сега во трката се вклучи и Манчестер Сити.

Токму Сити би можел да има интересен план. Англискиот клуб е заинтересиран повторно да го доведе напаѓачот кого го продаде на Атлетико пред две години за околу 82 милиони фунти. Според „Марка“, поранешниот англиски шампион ја разгледува можноста за негово враќање на „Етихад“. Сепак, најголемиот проблем е желбата на самиот фудбалер. Алварез сака трансфер во Барселона и не би сакал да се враќа во Премиер-лигата, ниту во Сити, ниту во Арсенал.

Од друга страна, Атлетико не сака да го засили директниот конкурент во Ла Лига. Клубот од Мадрид дури порача дека постои „нула проценти шанса“ Алварез да биде продаден на Барселона. Така, трансфер-сагата продолжува – Барселона го сака Алварез, играчот сака во Барселона, но Атлетико ја држи клучната позиција. А во сенка чека Манчестер Сити, кој би можел да се обиде да го врати својот поранешен напаѓач во Англија.