„Три од три“ за Охрид во Регионалната лига, Алкалоид му даде 55 гола на Ловќен
Ракометарите на Охрид забележаа уште една значајна победа, овојпат на гостувањето кај Динамо Панчево со 30-28. Освојувачот на трофејот во ЕХФ европскиот куп имаше тешко прво полувреме, во кое домаќинот успеваше да ја контролира играта и во неколку наврати да стигне до предност од четири гола. На паузата Динамо имаше водство од 15-13.
Охрид, сепак, во вториот дел покажа сосема поинакво лице. Избраниците на Борис Ројевиќ ја подигнаа играта во одбраната, беа поефикасни во нападот и постепено го презедоа контролата врз натпреварот. Во неизвесната завршница охриѓани беа посигурни, го задржаа водството и стигнаа до нов голем триумф. Најефикасен во победничкиот состав беше Мате со осум гола, додека Стрмљан постигна пет.
За Охрид ова беше трета победа во низа во Регионалната лига, по триумфите над Војводина и Будва. Но, време за долго славење нема. „Гладијаторите“ ги очекува нов голем предизвик – дуелот со Вардар за првиот домашен трофеј во новата сезона.
Алкалоид ја оствари првата победа во Регионалната лига, откако вечерва забележаа убедлива победа против црногорскиот Ловќен со 55-37.
Македонскиот тим уште од самиот почеток наметна силно темпо и не му остави многу простор на противникот за изненадување. Алкалоид одигра одлично во нападот, а по првите 30 минути веќе имаше двоцифрена предност од 27-17. Во второто полувреме избраниците на македонскиот тим продолжија во ист ритам и разликата само растеше. Алкалоид беше доминантен во сите сегменти, а до крајот постигна неверојатни 55 гола за убедлив триумф од 18 разлика.
Најефикасен на натпреварот беше Урош Борзаш со осум погодоци. По седум гола постигнаа Нејц Цехте, Емилијан Ѓорговски и Александар Петковски.