Чупиќ: Кога „Јане гори“, моите ракометари - можат сѐ!

Во интервју за „Балкан Хендбол“, тренерот на Вардар зборува за минатото, но и за амбициите во престојната сезона во која црвено-црните се вратија во Лигата на шампионите.

Чупиќ е вистинска легенда на Вардар, тој како ракометар беше дел од двете европски титули на македонскиот шампион, а сега како тренер се обидува повторно да го издигне меѓу најдобрите.

Вардар се врати во Лигата на шампионите, оваа сезона повторно ќе има жешка атмосфера во „Јане Сандански“, а Иван Чупиќ многу добро знае како е да се игра пред полна сала во Скопје.

„Целта е да се помине групата. Секоја екипа е тешка, сите екипи се со причина во Лигата на шампионите, а кој нема да помине оди во Лигата на Европа, која ќе биде посилна од кога било. Она што јас го сакам е полна сала „Јане Сандански“ на сите три натпревари, каде што ќе ја видам својата екипа како не лета, туку „умира“ на теренот. Дали тоа ќе биде доволно за да поминеме во главната фаза и на секој што ќе дојде во Скопје да не му биде сеедно — тоа е некоја моја желба за Комитите и за сите луѓе. Се надевам дека новите играчи навистина ќе почувствуваат дека кога ќе „гори“ Јане, сѐ е возможно“, изјави, меѓу другото, Иван Чупиќ во интервјуто за „Балкан Хендбол“.

Тој зборуваше и зошто ракометот е број 1 спорт во Македонија, нешто што не е случај во други земји.

„Во Македонија постои култура според која ракометот е спорт број 1, а тоа дава дополнителна вредност. Во Србија и Хрватска никој не може ни да му се приближи на фудбалот. На Македонците многу малку им треба во еден миг да се запалат за некој резултат и тогаш гори сѐ. Таа култура уште од Пепи, стара Битола, Вардар, Кире Лазаров, Металург, Кометал, сега и Охрид — за да не заборавиме некого. Тие се многу горд народ кој навистина се гордее со резултатите преку клупскиот ракомет. Македонија отсекогаш се гордеела со ракометот, за нив тоа е повеќе од спорт.“