Хаос во НФЛ: Тепачка на тренинг, летаа кациги и удари – казни од милион долари (ВИДЕО)

Огромен хаос беше виден на заедничкиот тренинг на Далас каубојс и Њу Орлеанс сејнтс во пресрет на новата сезона во НФЛ, откако повеќе инциденти меѓу играчите го претворија во - општа тепачка.

Двата тима традиционално организираат заеднички тренинзи во текот на подготовките, но овојпат работата отиде предалеку. Големата жештина, физичкиот карактер на американскиот фудбал и натрупаните емоции придонесоа тензиите да ескалираат во повеќе наврати. Еден од најлошите моменти се случи кога тајт-ендот на Њу Орлеанс, Брук Рајхштајнер, го собори на земја сејфот на Далас, Џејлен Томпсон.

Во друг инцидент, центарот на Сејнтс, Ерик Мекој, фрли кацига високо во воздух, додека подоцна тој и лајнбекерот на Каубојс, Донован Езируаку, разменуваа удари. Езируаку поради тоа повторно беше отстранет од тренингот, што за него е веќе втор таков инцидент во текот на подготовките.

Ситуацијата била толку сериозна што тренерите на двата тима размислувале предвреме да го прекинат заедничкиот тренинг по бројните пресметки кои избиваа по судиските свирежи.

„Беше малку премногу борбено. Тоа не е начинот на кој сакаме да работиме“, изјави тренерот на Далас, Брајан Шотенхајмер.

Неговиот колега од Њу Орлеанс, Келен Мур, исто така не го криеше разочарувањето.

„Очигледно е дека на заедничкиот тренинг, за жал, се случуваа работи кои немаат никаква врска со фудбалот“, порача Мур.

НФЛ не остана само на критики. Лигата одлучи да ги казни двата клуба со по 500.000 долари за случувањата на тренингот.