Велика Британија сака да го организира Светското првенство во 2042 година

Велика Британија би можела да влезе во трката за организација на Светското првенство во фудбал во 2042 година. Според информациите на „Тајмс“, британскиот премиер Анди Бурнам веќе ја разгледува можноста земјата да поднесе кандидатура за домаќинство на Мундијалот.

Бурнам, наводно, ја претставил идејата на состанок со градоначалници на градови, одржан во новиот кабинет на премиерот во Манчестер. Во тек се и разговори со Фудбалската асоцијација и Премиер лигата за потенцијалната кандидатура.

Амбициите на британската влада не застануваат тука. Според „Тајмс“, се разгледува и кандидатура за организација на Олимписките и Параолимписките игри во 2040 година. Планот е натпреварите да се одржуваат во повеќе градови во северниот дел на Велика Британија, со цел големите спортски настани да придонесат и за економскиот развој на регионот. Англија досега само еднаш била домаќин на Светско првенство – во 1966 година. Токму тогаш репрезентацијата на Англија ја освои и единствената светска титула во својата историја.

Следниот Мундијал ќе се одржи во 2030 година во Шпанија, Португалија и Мароко, со по еден натпревар од групната фаза во Аргентина, Уругвај и Парагвај. Светското првенство во 2034 година, пак, ќе биде организирано во Саудиска Арабија.

Доколку планот биде официјализиран, Велика Британија би можела повторно да се најде во центарот на светскиот фудбал и да се обиде да го добие домаќинството на Мундијалот по повеќе од седум децении од последната организација.