Роналдо се врати и веднаш даде гол – сѐ поблиску е до историскиот јубилеј (ВИДЕО)

Кристијано Роналдо има 41 година, но очигледно нема намера да забави, откако веднаш по враќањето на теренот постигна гол во убедливата победа на Ал Наср против Ал Ријад (4-0).

Португалецот натпреварот го започна од клупата, со оглед што поради репрезентативните обврски на СП 2026 подоцна се приклучи на тимот и ги пропушти воведните натпревари во сезоната. Тренерот Анге Постекоглу го внесе во игра во 62. минута, при водство од 3-0, публиката на стадионот „Принц Фејсал бин Фахд“ го поздрави неговото влегување, а Португалецот веднаш ја презеде и капитенската лента.

Само 21 минута подоцна следуваше она по што е познат – гол. Роналдо во 83. минута ја прими топката во шеснаесетникот, со одличен потег се ослободи од чуварот, а потоа со левата нога прецизно погоди за конечни 4-0. Тој со овој погодок стигна до 977 гола во професионалната кариера, па сега го делат само уште 23 до неверојатната граница од 1.000.

Португалецот во кариерата погодуваше за Спортинг, Манчестер јунајтед, Реал Мадрид, Јувентус и Ал Наср, како и за репрезентацијата на Португалија. Минатата сезона Роналдо беше најдобар стрелец на Ал Наср во првенството со 28 гола, а со првиот настап во новата сезона уште еднаш покажа дека и на 41 година останува една од клучните фигури во тимот.