Се тресе столчето на Инфантино, уште една европска земја му го сврте грбот!

Фудбалската асоцијација на Шкотска дефинитивно нема да ја даде својата поддршка за претседателот на ФИФА, Џани Инфантино и нема да го поддржи неговиот реизбор на почетокот на 2027 година, потврди извршниот директор на асоцијацијата, Јан Максвел.

Инфантино се најде под сè поголем притисок поради идејата за формирање нова компанија која би управувала со комерцијалните права и продажбата на билети за сите натпреварувања на ФИФА, вклучително и светските првенства. Планот предвидуваше 21 отсто од компанијата да бидат продадени на приватна инвестициска компанија.

Проектот под името „FIFA Forward Enterprise“ на крајот беше напуштен по бројните критики од фудбалските конфедерации, пред сè УЕФА, која се закани и со бојкот на сите натпреварувања под покровителство на ФИФА.

„Ставот на Фудбалската асоцијација на Шкотска е јасен уште од состанокот на 55-те членки на УЕФА. Застанавме зад ставот на УЕФА, а 55 земји имаат посилен глас од една“, изјави Максвел за Би-Би-Си. Тој потврди дека шкотската асоцијација ја загубила довербата во актуелното раководство на ФИФА.

„Во соопштението на УЕФА се зборува за недостиг на доверба во раководството на ФИФА, а Фудбалската асоцијација на Шкотска целосно се согласува со тој став. Нема да гласаме за Џани Инфантино на изборите на почетокот на 2027 година“, порача Максвел.

Максвел ги отфрли тврдењата дека Шкотска претходно јавно не му ја ускратила поддршката на Инфантино затоа што претседателот на тамошната асоцијација, Мајк Малрејни, е на чело на финансискиот комитет на ФИФА.

Инфантино во март би требало да се кандидира за четврти мандат на функцијата претседател на ФИФА.

Фото: ФИФА