Премиер лигата пред новата сезона воведе четири нови правила - за да биде уште поинтересна!

Новата сезона во англиската Премиерлига почнува следниот викенд, а со неа на сила стапуваат и четири нови правила со кои организаторите сакаат да го намалат одолговлекувањето на играта и дополнително да ја подобрат примената на ВАР-технологијата.

Една од најинтересните промени се однесува на фудбалерите на кои ќе им биде укажана лекарска помош на теренот. Играчот по интервенцијата ќе мора да го напушти теренот и нема да смее да се врати во игра во следните 60 секунди. Целта е да се намалат симулирањата и намерното трошење време преку останување на тревникот.

Построги правила ќе има и при изведувањето прекини. Судиите ќе почнат со одбројување од пет секунди кога ќе проценат дека некоја екипа намерно го одолговлекува продолжувањето на играта. Аутот и гол-аутот ќе треба да бидат изведени во предвидениот рок откако фудбалерот ќе ја земе топката. Доколку екипата го пречекори дозволеното време при изведување аут, топката ќе му биде доделена на противникот. Ако доцнењето се случи при гол-аут, противничкиот тим ќе добие корнер.

Новина има и кај замените. Фудбалерот кој го напушта теренот ќе има десет секунди за да го направи тоа. Доколку го пречекори рокот, неговата замена нема веднаш да може да влезе во игра, туку ќе мора да почека една минута и првиот следен прекин. Четвртата промена се однесува на ВАР. Видео-технологијата отсега ќе може да интервенира и во ситуации кога фудбалер ќе добие втор жолт картон, а со тоа и исклучување. Сепак, ВАР ќе може да проверува само веќе покажан втор жолт картон. Нема да има можност за интервенција во ситуации во кои судијата можел да покаже втор жолт картон, но не го сторил тоа.

За разлика од неодамна завршеното Светско првенство, во Премиерлигата нема да има задолжителни паузи за освежување на фудбалерите.