Ново чудо од дете во Ла Лига – дебитираше на 15 години и го надмина Ламин Јамал!

Шпанскиот фудбал доби уште едно „чудо од дете“, откако Марк Сантос од Леванте дебитираше во Ла Лига со само 15 години, девет месеци и 15 дена и веднаш влезе во историјата.

Талентираниот фудбалер од академијата на Леванте доби шанса на првиот натпревар од новата сезона против Еспањол на „РЦДЕ стадионот“. Сантос влезе во игра во 64. минута на местото на Иван Ромеро и заигра на левата страна. Во тој момент имаше само 15 години и 288 дена, со што стана најмладиот фудбалер на Леванте кој настапил во шпанската елита.

Но, неговиот подвиг не е значаен само за клубот. Сантос стана трет најмлад дебитант во историјата на Ла Лига, изедначувајќи го достигнувањето на Педро Ирасторза, кој на идентична возраст дебитирал за Доностија во далечната 1933 година. Пред него остануваат само двајца фудбалери. Апсолутен рекордер е Лука Ромеро, кој за Мајорка дебитираше со 15 години и 219 дена, додека Сансон првиот настап за Селта го имал со 15 години и 255 дена во 1939 година.

Посебно интересно е што Сантос успеа да го надмине дури и Ламин Јамал.Ѕвездата на Барселона при дебито во Ла Лига имаше 15 години и 290 дена, што значи дека Сантос бил само два дена помлад од Јамал кога првпат истрчал на терен во најсилната шпанска конкуренција.

НАЈМЛАДИ ДЕБИТАНТИ ВО ЛА ЛИГА

Лука Ромеро – 15 години и 219 дена (Мајорка)

Сансон – 15 години и 255 дена (Селта)

Марк Сантос – 15 години и 288 дена (Леванте)

Педро Ирасторза – 15 години и 288 дена (Доностија)

Оскар Рамон – 15 години и 289 дена (Сарагоса)

Ламин Јамал – 15 години и 290 дена (Барселона)

Сегара – 16 години и 18 дена (Сарагоса)

Бранко – 16 години и 83 дена (Еспањол)

Фабрис – 16 години и 98 дена (Малага)

Пуче Втори – 16 години и 124 дена (Елче)