Малку фалело за страшна трагедија: Фудбалер од Серија А ќе се удавел во базен!

Шокантна вест пристигнува од Сардинија, каде 20-годишниот фудбалер на Каљари, Јаел Трепи, доживеал сериозна несреќа во базен и завршил на интензивна нега.

Младиот француски напаѓач бил на одмор за време на слободниот ден што тимот го добил по настапот во Купот на Италија. Според информациите од италијанските медиуми, Трепи во еден момент ја загубил свеста додека бил во базенот.

Наводно, фудбалерот не знаел да плива, а по несреќен сплет на околности паднал во подлабокиот дел од базенот. По укажаната прва помош, со хеликоптер бил итно транспортиран во болница.

Трепи моментално е сместен на одделението за интензивна нега во цивилната болница „Сантисима Анунцијата“ во Сасари. Во Каљари со голема загриженост ја следат неговата состојба.

„Каљари соопштува дека фудбалерот Јаел Трепи моментално е хоспитализиран во Сасари, каде што се наоѓа на одделението за интензивна нега“, стои во соопштението на клубот.

Од италијанскиот клуб додаваат дека се во постојан контакт со лекарите и семејството на фудбалерот и внимателно ја следат ситуацијата. Воедно, Каљари апелираше за почитување на приватноста на Трепи и неговите најблиски.

Фото: yaeltrepy/Instagram