Тотнем не сака пак да се бори за опстанок – со 100 милиони евра тргна по ѕвезда на Сити!

Тотнем очигледно нема намера да дозволи да му се повтори минатата кошмарна сезона во која се бореше за опстанок, па по доаѓањето на Роберто Де Зерби на клупата продолжува со огромните вложувања во засилувања.

Лондонскиот клуб сега тргна по бразилскиот репрезентативец Савињо и веќе испратил официјална понуда од околу 100 милиони евра до Манчестер сити, објави бразилски „Глобо Еспорте“. „Граѓаните“ засега не сакаат да дадат зелено светло за трансферот. Не станува збор само за висината на понудата, туку раководството на Сити не сака да го пушти 22-годишниот Бразилец додека не обезбеди соодветна замена.

Савињо, пак, наводно е решен да се пресели во северен Лондон и почнал да врши притисок врз својот клуб за трансферот да биде реализиран. Тој го пропуштил тренингот во четврток, а според информациите од Бразил, неговата желба е да го напушти „Етихад“ во потрага по поголема минутажа. Бразилецот смета дека Тотнем и работата со Де Зерби би биле идеални за следната фаза од неговата кариера.

Италијанскиот стратег веќе направи огромна реконструкција на составот по преземањето на „петлите“. Тотнем во летниот преоден рок потроши повеќе од 269 милиони евра, но Де Зерби очигледно смета дека тимот сè уште не е комплетиран.