На Интер му донесе финале во ЛШ, а сега ќе игра за Лацио

Веќе нема дилеми, Интер и Лацио постигнаа договор за трансферот на Давиде Фратези, кој во наредниот период ќе игра во Рим.

Станува збор за едногодишна позајмица со опција за откуп. Лацио ќе плати еден милион евра за позајмицата, а на крајот од сезоната ќе има можност да го откупи неговиот договор за дополнителни 14 милиони евра.

Доколку трансферот биде реализиран, Интер ќе има и 50 отсто од следниот трансфер на Фратези.

Фратези во Интер пристигна за вкупно 31 милион евра. Првично клубот плати пет милиони евра за едногодишна позајмица, а потоа во 2024 година за 26 милиони евра го откупи неговиот договор од Сасуоло.

Италијанскиот фудбалер во трите сезони за Интер одигра 122 натпревари и постигна 15 гола.

Најблескавиот момент во дресот на „нераѕурите“ го имаше во сезоната 2024/25, кога во епскиот реванш од полуфиналето во Лигата на шампионите го постигна победничкиот гол во 99. минута против Барселона за конечни 4-3 и пласман во финалето.

Фото: Inter FC/X