Бизарно: Динамо Загреб од елиминацијата на Ц. Звезда ќе ќари – милион евра (ФОТО)

Елиминацијата на Црвена звезда од квалификациите за Лигата на шампионите (ЛШ) може да му донесе неочекувана финансиска корист на Динамо Загреб, кој доби можност да го прескокне белградскиот клуб на ранг-листата на УЕФА.

Хапоел Бер Шева го исфрли српскиот шампион од трката за место во европската елита, а резултатот од оваа пресметка внимателно се следи и во Загреб. Црвена звезда во моментов е пред Динамо според коефициентот на УЕФА остварен во последните пет натпреварувачки сезони. Тоа, сепак, може да се промени доколку хрватскиот шампион обезбеди место во групната фаза од ЛШ. За тоа Динамо прво мора во плејофот да го елиминира норвешки Викинг. Ако успее во тоа, загрепскиот клуб би ја прескокнал Црвена звезда на ранг-листата, а таквиот напредок би имал и сериозна финансиска вредност.

Според системот за распределба на приходите на УЕФА, една позиција повеќе во овој сегмент би му донела на Динамо дополнителни 935.000 евра. Станува збор за делот од распределбата познат како „Value Pillar“, преку кој УЕФА дел од приходите ги распределува меѓу учесниците во европските натпреварувања според нивната вредност и позиција. Поради тоа, елиминацијата на Црвена звезда во комбинација со евентуалниот пласман на Динамо во Лигата на шампионите би можела индиректно да ја наполни касата на загрепскиот клуб со речиси еден милион евра повеќе.

Тоа не е единствената можност за дополнителна заработка. Во пресметките се зема предвид и десетгодишниот коефициент, а скок за едно место во тој сегмент би вредел дополнителни 346.000 евра. Поради тоа во Динамо внимателно ќе ги следат и резултатите на останатите клубови кои се непосредно пред нив. Меѓу нив е и Бодо/Глимт, чија елиминација исто така би можела да му оди во прилог на хрватскиот шампион.