Бизарна сцена: Фулам не сакаше да изведува пенали со Малага - им се брзало на аеродром! (ВИДЕО)

Од Шпанија пристигнуваат прилично бизарни сцени каде што Фулам по ремито 2-2 против Малага во натпреварот за трофејот „Коста дел Сол“ одби да изведува пенали и така победата ја препушти на шпанскиот претставник.

Фудбалерите на англискиот премиерлигаш неколку минути по завршувањето на натпреварот разговараа со судиите, а потоа едноставно заминаа во соблекувалната.

Имено, од Фулам тврделе дека изведувањето пенали не било предвидено во договорот со кој биле договорени условите за одигрување на пријателскиот натпревар.

Англичаните имале и уште еден проблем. Екипата веднаш по натпреварот требало да тргне кон аеродромот за да го фати летот за Лондон, а дополнителното задржување на стадионот можело да им го наруши планот за патување.

Така, на организаторите не им преостанало ништо друго освен да ја прогласат Малага за победник на 36. издание на трофејот „Коста дел Сол“. Навивачите кои на трибините беа во бројка од над 17.000 со свирежи ги испратија фудбалерите на премиерлигашот додека го напуштаа теренот.