Миленкоски: Имаме одлични услови во Крушево, сè оди според планот

Maкедонските одбојкари во Крушево се подготвуваат за настапот на уште едно Европско првенство, а селекторот Јошко Миленкоски е задоволен од начинот на кој течат подготовките.

Во Крушево сениорите ќе останат до сабота, а потоа ќе се вратат во Скопје и ќе ги продолжат тренинзите во салата „Јане Сандански“.

„Сѐ оди според планот! Екипата, но и стручниот штаб се комплетирани, дел од младите одбојкари кои се на поширокиот список на А тимот тренираат тука и со селекцијата до 20 години. Имаме по два тренинга дневно, едноподруго сме во сала со младите, и во целост ја спроведуваме предвидената програма. Скоро по цел ден сме во сала“, објаснува селекторот Миленкоски и продолжува: „Конкретно кај сениорската репрезентација сѐ е во најдобар ред. Како што планиравме акцентот е ставен на физичката подготовка и основната индивидуална техника за да може подготвени да влеземе во следната фаза на техничко- тактичка подготовка. Имаме одлични и временски услови во Крушево, комплетна сала на располагање и го користиме максимумот од тоа. Задоволен сум од тоа како се одвиваат подготовките и веруваме дека следниот период ќе продолжиме со квалитетната работа и на уште повисоко ниво.“

Европското првенство кое се игра од 9 до 26 септември за Македонија ќе биде четврто континтентално натпреварување во низа и на него во групата „Б“ ќе играме со организаторот Бугарија, Полска, Португалија, Украина и Израел.