Пелистер „улови“ уште еден македонски талент - Савичевиќ се сели во Битола!

Екипата на Пелистер продолжува со формирањето на тимот за новата сезона, а најново засилување на битолчани е 24-годишниот Лука Савичевиќ, кој во „зелено-белиот“ табор пристигнува од Феникс 2010.

Станува збор за талентиран кошаркар со интернационално искуство, кој дел од својата кариера ја мина надвор од Македонија. Пред да се врати во домашната кошарка и да го облече дресот на Феникс, тој беше дел од шпанска кошаркарска академија, а има искуство и од американската НЦАА, каде што настапуваше за универзитетот Источен Мичиген.

Станува збор за играч кој во минатото беше дел и од вториот тим на МЗТ Скопје. Савичевиќ воедно мина низ младинските репрезентативни категории на Македонија, каде што имаше значајна улога, а неколку пати беше дел од поширокиот список на сениорскиот национален тим.

Со ангажманот на 24-годишниот кошаркар, Пелистер продолжува со политиката во составот да има што поголем број квалитетни домашни играчи. Савичевиќ официјално ќе биде претставен како нов член на битолскиот тим на стартот од подготовките за новата сезона.