Приказната на судијата Омар: Трамп го избрка од Мајами, УЕФА му даде меч за историја!
Тој е делегиран за главен судија на пресметката меѓу европскиот првак ПСЖ и освојувачот на Лига Европа, Астон Вила, која в среда од 21 часот ќе се одигра во Салцбург. Со тоа Сомалиецот ќе испише историја како прв судија надвор од Европа кој ќе ја дели правдата на натпревар за Суперкупот на УЕФА.
Неговата приказна привлекува дополнително внимание поради случувањата од пред два месеца. Артан пристигна во Мајами во пресрет на Мундијалот, но американските власти му ја оспорија визата и тој беше депортиран од земјата.
„Тоа беше многу тежок период. Многу луѓе сочувствуваа со мене. Кога работите со години за нешто, треба да ја завршите работата, а потоа не ви е дозволено, тоа е навистина тешко. Сепак, ја ценам поддршката што ја добив од целиот свет и многу сум благодарен“, изјави Артан.
Само два месеца подоцна следува огромно признание од УЕФА. Патот на Артан до европската сцена воопшто не бил лесен. Неговиот татко трагично починал додека тој бил млад, а не можел да расте ниту покрај својата мајка. Практично од детството морал сам да се справува со животните предизвици. Сакал да игра фудбал, но поради повреда се насочил кон судењето.
„Имав среќа, но и многу работев за да стигнам тука и навистина сум горд. Растев во тешки услови, но тоа не ме спречи да ги следам своите соништа. Ова ќе биде мојот прв натпревар во Европа. Кога го добив повикот, тоа беше многу, многу среќен момент за моето семејство“, вели Сомалиецот.
Одлуката на УЕФА беше поздравена и од Африканската фудбалска конфедерација (КАФ).
„Ова е голема чест за Омар Артан и за африканските судии. Тој е одличен пример за тоа како фудбалот ги собира и обединува луѓето“, изјави претседателот на КАФ, Патрис Моцепе.
Помошници на Артан во Салцбург ќе бидат Либан Абдулразак Ахмед од Џибути и Оњанго Јиембе од Кенија, додека четврти судија ќе биде Словенецот Раде Обреновиќ. Во ВАР-собата ќе бидат Италијанецот Марко Ди Бело и Шпанецот Гиљермо Куадра Фернандез.
Артан вели дека детално се подготвува за својот историски европски натпревар и дека редовно ги анализира екипите, нивните тактики и однесувањето на фудбалерите.
„Ако јас можев да успеам, тогаш може секој. Можете да постигнете што сакате и никогаш не треба да престанете да сонувате. Без разлика што ќе се случи и без разлика кој ќе се обиде да ве спречи, продолжете да учите и да ги подобрувате своите вештини. А најважно од сè е да бидете чесни и доследни“, порача Артан.