Мурињо пресече за Ендрик и ги расплака - „ѓаволите“ од Манчестер!
Англискиот гигант сериозно ја следеше ситуацијата со 20-годишниот Бразилец и беше подготвен да се вклучи во трката за неговиот потпис, особено по доаѓањето на Карлос Еспи и Јан Диоманде во Мадрид. Конкуренцијата во нападот на „кралевите“ стана уште поголема, поради што се чинеше дека Ендрик би можел повторно да замине. Сепак, Мурињо има поинакви планови.
Според шпански „АС“, португалскиот стратег побарал од раководството да не го продава ниту да го испраќа на нова позајмица бразилскиот напаѓач. Реал ја прифатил неговата одлука и во моментов ги затворил сите излезни врати за Ендрик. Тоа е лоша вест пред сѐ за Манчестер јунајтед, но и за Астон Вила и Рома, кои исто така покажаа сериозен интерес за младиот Бразилец.
Мурињо верува дека Ендрик може да биде важен дел од неговиот тим во претстојната сезона. Освен на природната позиција централен напаѓач, Португалецот планира да го користи и на десното крило, со што би добил дополнителна опција во офанзивата. Бразилецот зад себе има успешна позајмица во Лион, а беше и дел од „кариоките“ на неодамна завршеното СП 2026. Реал за неговото доведување плати 35 милиони евра фиксно и уште 25 милиони преку потенцијални бонуси, а кога ќе се додадат провизиите, платата и останатите трошоци, вкупната инвестиција веќе надминала 80 милиони евра.
Самиот Ендрик засега го прифаќа предизвикот на Мурињо и сака да се избори за минутажа во клубот кој го нарекува „клуб на својот живот“. Пресврт до крајот на преодниот рок не може целосно да се исклучи, но во моментов пораката од Мадрид е јасна – Мурињо смета на Ендрик, а Манчестер јунајтед ќе мора да бара засилување на друго место.