Стојановски: Почнавме лошо, но верувавме во нашиот план и ја победивме Швајцарија!

Македонската кадетска кошаркарска репрезентација славеше со 89-76 против Швајцарија во четвртото коло од групната фаза на Европското првенство (ЕП) од Дивизија Б, а селекторот Дејан Стојановски кажа дека е среќен со вториот триумф на натпреварувањето.

Стојановски посочи дека со одличната одбрана и високиот интензитет во второто полувреме успеале да направат неверојатен пресврт.

„Првите два напади беа токму онака како што сакавме. Потоа се случи нешто што за мене беше несфатливо - не го следевме тоа што го договоривме. Швајцарија погоди седум тројки во првата четвртина и десет за едно полувреме, нешто што досега немаше направено на овој турнир. Ние, пак, немавме вистински ритам во првата четвртина. Бевме доста пасивни во одбраната.

Сепак, направивме добра реакција во втората четвртина. На полувремето им кажавме на играчите да веруваат во себе и во нашиот план. Тоа беше пресингот по целиот терен. Имавме одличен импакт од клупата и голема енергија од играчите кои влегоа во игра, особено во одбраната. Потоа почнавме да ги погодуваме шутевите, а тоа е нашата игра - брза кошарка и реакција веднаш по примен кош“, вели Стојановски.

Македонија ја чека дуел против Украина во петтото коло, а Стојановски вели дека се подготвуваат за мечот.

„Сега е многу важно играчите да се одморат и добро да се подготвиме за Украина. Тоа е селекција која носи доста физички силни играчи, но ние ќе бидеме подготвени. Сакаме да завршиме како трети во групата и пред нашата публика да прикажеме брза и атрактивна кошарка. Денеска публиката многу ни помогна и сакам да ѝ се заблагодарам за тоа“, порача селекторот.