Тотнем потпиша нов петгодишен договор со клучниот дефанзивец!

Холандскиот репрезентативец, Мики ван де Вен, ја продолжи верноста кон Тотнем и потпиша нов долгорочен договор со премиерлигашот од Лондон.

Клубот официјално го потврди продолжувањето на соработката, но не објави детали за времетраењето на договорот. Познатиот трансфер-инсајдер Фабрицио Романо, сепак, информира дека 25-годишниот дефанзивец ставил потпис на нов петгодишен договор.

„Потпишувањето нов договор е посебен момент за мене и за моето семејство и ме прави горд. Го засакав Тотнем уште од првиот ден кога пристигнав. Го сакам клубот, ги сакам навивачите и тука многу напредував. Јасно е во која насока сака да се движи клубот и сакам да бидам дел од тоа. Со нетрпение го очекувам она што следува“, изјави Ван де Вен.

Холанѓанецот пристигна во Лондон во 2023 година од Волфсбург и за три сезони се наметна како еден од клучните фудбалери во одбраната. Досега има одиграно 96 натпревари и постигнато десет голови за лондонскиот клуб. Задоволството од постигнатиот договор не го криеше ниту спортскиот директор Јохан Ланге, кој потенцираше дека Ван де Вен е фудбалер околу кого Тотнем сака да ја гради својата иднина.

„Неговиот напредок и развој во изминатите три години, како фудбалер и како личност, беа огромни. Тој сега без сомнение е еден од врвните дефанзивци во европскиот фудбал. Мики е тип на играч околу кого сакаме да ја градиме нашата иднина и со нетрпение очекувам да продолжи да има важна улога во годините што доаѓаат“, изјави Ланге.