Трамп си го брани другарчето: Ќе се каете многу ако сега го избркате Инфантино!
По низата контроверзии околу работењето на Инфантино прва сериозно се побуни УЕФА, а незадоволство пристигна и од други делови на фудбалскиот свет. Сѐ погласни се шпекулациите дека неговата позиција на чело на светската фудбалска организација веќе не е толку сигурна како претходно. Трамп, сепак, јавно застана зад својот пријател и порача дека евентуалното заминување на Инфантино би било огромна грешка за ФИФА.
„ФИФА би направила ужасна грешка ако, од која било причина, воопшто размислува за смена на претседателот Џани Инфантино. Тој е фантастичен, штотуку го предводеше најуспешното Светско првенство што некогаш било организирано. Ако него го нема, никогаш повеќе нема да биде толку успешно и профитабилно“, порача Трамп.
Американскиот претседател и Инфантино во изминатиот период имаа блиска соработка, особено околу организацијата на Мундијалот во САД, Канада и Мексико, а Трамп сега недвосмислено покажа дека сака Швајцарецот да остане на функцијата.
„Ако замине, ФИФА повеќе нема да биде иста“, додаде Трамп.
Инфантино веќе најави дека сака да се бори за уште еден мандат, но последните случувања укажуваат дека неговиот пат до продолжување на владеењето со светскиот фудбал би можел да биде далеку потежок од очекуваното. Швајцарскиот адвокат е на чело на ФИФА од 2016 година, кога го наследи Сеп Блатер. Претходно долги години работеше во УЕФА, а во неговата ера светската фудбалска организација спроведе низа големи промени, меѓу кои и проширувањето на Светското првенство на 48 репрезентации.