Вардар го отпушти тренерот Фабијани, го чека ли истото и директорот Неделковски!

Аргентинецот Кристијан Фабијани повеќе не е тренер на Вардар, откако денеска го раскинал договорот со актуелниот шампион.

Ова е релативно очекувано по ужасниот старт на сезоната на црвено-црните и вчерашниот пораз на домашен терен во пресметката со најголемиот ривал на домашната сцена, Шкендија (0-2). Фабијани дојде во Македонија со високи амбиции, но по елиминацијата од Европа, следеше пораз во дербито со Шкендија кое му пресуди. Авантурата му траеше неколку месеци, откако дојде како наследник на Гоце Седлоски.

Навивачите на Вардар уште вчера најголемиот виновник за лошите резултати го најдоа во директорот Миленко Неделковски, за кого се надеваат ќе биде следниот што ќе си замине од клубот со цел да дојдат подобри времиња за црвено-црните.

Вардар падна на првата пречка во квалификациите за Лигата на шампионите во двомечот со фински Купс, а потоа беше неуспешен и во двомечот со Рига во квалификациите за Конференциската лига.