Невиден потег: Поранешен НБА кошаркар ќе се пријави на ВНБА драфтот

Поранешниот НБА кошаркар Енес Кантер Фридом најави дека ќе се пријави за драфтот во ВНБА во 2027 година, со што предизвика големо внимание во американската и светската јавност.

Кантер, кој во 2011 година беше избран како трет пик на НБА-драфтот, својата намера ја објави преку социјалните мрежи. Тој тврди дека внимателно ги разгледал актуелните правила за учество во ВНБА и смета дека ги исполнува условите за пријавување.

„По внимателно разгледување и проверка на сите важечки правила, официјално се прогласувам за кандидат за ВНБА“, порача Кантер.

Поранешниот НБА центар додава дека неговиот тим ги анализирал правилата поврзани со самоопределувањето и инклузијата, по што одлучил да го направи овој чекор.

„Знам дека моето присуство на теренот ќе предизвика бројни коментари. Но, дефинитивно не го правам ова за да се потсмевам или да не почитувам никого. Едноставно барам актуелните правила да се применуваат еднакво и без исклучок“, порача тој.

Неговата објава предизвика поделени реакции во јавноста – од оние кои го поддржуваат потегот, до критики дека станува збор за намерно отворање дебата за правилата во женскиот спорт.

Кантер најави дека очекува ВНБА да ги примени своите правила и порача: „Се гледаме во тренинг кампот“.

Сепак, неговото самопрогласување не значи автоматски дека ќе биде прифатен како кандидат или дека ќе може да настапува во ВНБА. Лигата допрва би требало да се произнесе за неговиот статус и применливоста на актуелните правила.