Хаос во Неапол: Алегри беснеел и ги пцуел фудбалерите!
Трофејниот стручњак летово пристигна во Неапол со големи амбиции, но почетокот на сезоната на теренот изгледа прилично лошо. Наполитанците имаат седум бодови по пет одиграни кола, а дополнителен проблем е што нивната игра изгледа бледо и неубедливо.
Италијанските медиуми пишуваат дека полека на површина излегуваат бројни несогласувања во соблекувалната. Наводно, Алегри имал жесток испад пред играчите по неделното реми со Фиорентина (1-1).
„Ла Република“ објави дека завршил мирниот почеток на соработката меѓу клубот и новиот тренер. Наполи го има најлошиот старт на сезоната во Серија А во последните десет години, а се пишува и за нарушени односи меѓу Алегри и неколку клучни фудбалери.
Меѓу нив се споменува и Кевин Де Брујне, кој по летниот трансфер во клубот како слободен играч сè уште не успева да ја достигне посакуваната форма.
Според информациите од Италија, Алегри за време на подготовките се обидел да создаде позитивна атмосфера и да го намали притисокот, па на поискусните играчи им дал полесна програма за тренинзи. Сепак, во последните недели го променил пристапот и вовел построга дисциплина.
Тоа го потврдува и порталот „Калчо Наполи“, кој тврди дека Алегри бил исклучително бесен поради играта против Фиорентина. Наводно, по натпреварот во соблекувалната им викал на играчите, пцуел и удирал со тупаници во ѕид.
Алегри наводно им порачал на играчите дека сè мора итно да се промени. Тој им забележал дека не ја гледа потребната глад за победа и желбата која е неопходна за успех на највисоко ниво.
Останува да се види како играчите ќе реагираат на случувањата, но ако нешто брзо не се промени нема да биде изненадување ако епизодата на Алегри во Неапол трае кратко.