Леганес ќе заработи милиони од трансферот на Диоманде во Реал Мадрид
Реал Мадрид официјално го обезбеди потписот на 19-годишниот репрезентативец на Брегот на Слоновата Коска со договор до 2033 година. Според шпанските и светските медиуми, трансферот изнесува 125 милиони евра фиксно, а со бонусите може да достигне и до 140 милиони евра, што го прави најскапиот во историјата на „кралскиот клуб“.
Од оваа зделка ќе профитира и Леганес. Шпанскиот клуб при продажбата на Диоманде во Лајпциг минатото лето вклучи клаузула според која ќе добие процент од секоја негова наредна продажба. Покрај тоа, Леганес ќе инкасира и средства преку механизмот за солидарност на ФИФА, бидејќи учествувал во развојот на фудбалерот.
Иако Диоманде одигра само десет натпревари во дресот на Леганес, остави силен впечаток и брзо го привлече вниманието на Лајпциг, кој го доведе за околу 20 милиони евра. Само една сезона подоцна, неговата вредност повеќекратно порасна по одличните настапи во Бундеслигата и на Светското првенство.
За Леганес, овој трансфер претставува финансиски успех без преседан, бидејќи благодарение на добро договорените клаузули ќе добие околу 6,5 милиони евра без да биде директен учесник во најголемата летна зделка на европскиот фудбал.