Тага во УФЦ: Почина бразилски ММА борец - имаше само 35 години!

Светот на мешаните боречки вештини е во шок по трагичната вест за смртта на бразилскиот УФЦ борец, Алан Насименто, кој почина на само 35-годишна возраст.

Од УФЦ соопштија дека Насименто бил пронајден без знаци на живот во понеделник наутро, откако, според првичните информации, доживеал срцев удар додека спиел. Медицинските екипи веднаш интервенирале и се обиделе да го реанимираат, но безуспешно.

„Во понеделник, на 3 август, во утринските часови, нашиот сакан борец Алан Насименто беше пронајден без знаци на живот, откако во сон доживеа срцев удар. И покрај напорите на медицинскиот тим да го реанимира, беше прогласен за починат на местото на настанот. Нашите мисли и молитви се со неговото семејство, пријателите, тимските колеги и сите кои го сакаа“, соопштија од УФЦ.

Насименто беше дел од најсилната светска ММА организација од 2021 година. Во октагонот на УФЦ оствари четири победи и два порази, додека во професионалната кариера зад себе остави скор од 22 победи и седум порази. Еден од највпечатливите моменти во неговата кариера беше победата над Коди Дурден во ноември минатата година, кога со атрактивно „анаконда“ гушење славеше и ја доби наградата за потег на вечерта.

Последниот настап го имаше на 20 јуни, кога по поделена судиска одлука беше поразен од Мич Рапосо. Насименто тренираше во реномираната академија „Шуто Бокс“ под водство на Диего Лима, а меѓу љубителите на ММА беше познат по прекарот „Пуро Осо“.