Два гола на Мбеумо, Јунајтед со пресврт го совлада Атлетико (ВИДЕО)

Манчестер јунајтед ја продолжи успешната серија во подготвителниот период, откако со пресврт славеше над Атлетико Мадрид со 2-1 на контролниот натпревар одигран во Стокхолм. Херој на англискиот тим беше Брајан Мбеумо, кој ги постигна двата гола за победата.

Шпанскиот состав поведе уште во петтата минута преку Арнау Ортис, чиј центаршут ги изненади сите во шеснаесетникот, вклучувајќи го и голманот Том Хитон, и заврши во мрежата. И покрај негативата, избраниците на Мајкл Карик создадоа неколку добри можности, но Јан Облак беше сигурен на голот на Атлетико.

Израмнувањето дојде веднаш по почетокот на второто полувреме, кога Мбеумо реализираше пенал по прекршок врз Шеј Лејси. Победничкиот погодок беше постигнат во 74. минута, по одличен притисок на Џек Флечер, а по неколку одбивања топката стигна до Мбеумо, кој ја испрати во мрежата за конечни 2-1.

Атлетико имаше можност да избегне пораз во самиот финиш, но ударот на Хјулманд заврши во стативата, по што англискиот тим го сочува водството до последниот судиски свиреж. Со оваа победа Манчестер Јунајтед го освои и трофејот на турнирот „Снепдрагон куп“, продолжувајќи ги добрите настапи во летните подготовки.