Невиден парадокс: Шампионот на Франција исфрлен од лига
Одлуката следува откако Апелационата комисија оцени дека клубот не ги исполнил сите потребни услови и не ја доставил целосната документација во рокот што му беше дополнително одобрен. Со тоа пропадна и последниот обид Монако да ја промени првичната одлука за исфрлање од домашните натпреварувања.
Во изминатите денови се појавија информации дека поранешниот НБА ас Џамал Машбурн е подготвен да го преземе клубот преку инвестициски фонд и да обезбеди финансиска стабилност, но тоа не беше доволно за француските власти да ја променат својата одлука.
Од Монако соопштија дека ќе продолжат да работат на исполнување на сите регулаторни барања и најавија дека ќе ги искористат сите правни механизми за да се обидат да ја поништат одлуката. Следниот чекор за клубот е жалба до Францускиот олимписки комитет, а потоа и можност случајот да заврши пред Управниот суд.
Ситуацијата претставува невиден парадокс затоа што Монако е шампион на Франција, но и огромен удар за еден од најсилните европски клубови во последните години, кој беше меѓу најдобрите екипи на континентот. Неизвесно останува како оваа одлука ќе влијае и врз иднината на клубот во европските натпреварувања.